Минатата недела Словачката Канцеларија за јавни набавки (ÚVO) ги одби последните приговори во јавните набавки за изградба на автопатот Д3 кај Кисуце, поради кои тендерската постапка се одолговлекуваше со месеци. Јозеф Раќ, министер за транспорт (кандидат на партијата Смер), поради ова изјави дека уште годинава може да се очекува појавување на градежните машини на трите градежни делници од идниот автопат, каде што изборот на изведувачите не беше едноставен. Министерот на прес-конференцијата во понеделник информираше дека за сите три делници на автопатот Д3 постапката за јавна набавка веќе е завршена, за две веќе е издадена градежна дозвола, а за третата се очекува одобрение од надлежниот орган во наредните денови.
Раќ исто така зборуваше дека според плановите на Националната автопатска компанија (NDS), договорите со изведувачките фирми ќе се склучат до крајот на септември. Процесот на тендерите не помина без пречки. Лани NDS распиша тендер во вкупна вредност поголема од една милијарда евра за три нови делници на Д3: една делница долга 11,2 километри (меѓу Жилина, Бродно и Кисуцке Нове Место), делница долга 9,6 километри (Кисуцке Нове Место – Ошчадница), како и делница од 5,3 километри (Ошчадница – Чадца, Буков), каде што е вклучена и втората цевка на тунелот Хорелица. На тендерот за делницата Ошчадница – Чадца до Буков пристигнаа две понуди, од кои поевтината, околу 230 милиони евра, беше од конзорциумот составен од Váhostav, Metrostav и Duna Aszfalt. За оваа понуда во март беше поднесена жалба што предизвика ÚVO да започне постапка. До јули беше завршен и тендерот за делницата Кисуцке Нове Место – Ошчадница, откако неколку неуспешни понудувачи поднесоа приговори. Победник е Skanska, којашто со околу 46 милиони евра пониска цена од очекуваната, ќе ја изведе трасата за 307 милиони евра. Во јули се појавија нови пречки и за делницата меѓу Жилина и Кисуцке Нове Место, за која исто беше поднесена жалба до ÚVO. Канцеларијата сепак минатата недела го одби и овој приговор. Работата вредна околу 399 милиони евра ја доби конзорциумот предводен од Váhostav, што е понуда за сто милиони пониска од очекуваното. На почетокот на август беше донесена одлука и за четвртиот приговор по тендерот за делницата до Буков. Крајната инвестиција изнесува 230 милиони евра, што е за 76 милиони пониско од почетната вредност. Новите делници на Д3 ќе се реализираат со европски средства.